Што се случило: На 03.06.2022 во Полициската станица Бит Пазар биле приведени три малолетни лица, од кои двајца од Арачиново на возраст од 15 и 16 години и едно лице на возраст од 17 години од Скопје, поради тоа што на плоштадот „Скендербег“ во Скопје околу 23.00 часот, каде се одржувал јавен собир организиран од политичката партија, пред завршување на настанот, го нарушиле јавниот ред и мир со физичката пресметка со друга група на лица, а биле употребени и остри предмети. Во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ биле донесени со повреди од остар предмет 15 годишник од с.Арачиново, Г.С.(20) од с.Танушевци и А.Н.(20) од с.Брест. Од малолетниците кои биле приведени биле одземени два ножа.
Кус опис на инцидентот со пристрасни индикатори: Во овој инцидент, пристрасниот мотив е претпоставеното етничко потекло и претпоставената политичка припадност, имајќи предвид дека настанот се случил меѓу две групи по одржување јавен собир организиран од политичка партија, а пристрасните индикатори се:
- Политичка припадност – инволвираните имаат различни политички уверувања
- Етничкото потекло – инволвираните биле од различна етничка заедница
Влијание врз жртвите и заедницата: Инциденти од ваков вид ја доведуваат во прашање општата безбедносна состојба во земјата и соживотот помеѓу различните етнички и јазични групи во општеството. Истовремено, ваквите инциденти влијаат на политичката поларизација што придонесува за дополнителни зголемувања на делата од омраза заради различна политичка припадност.