Поимник

Овој поимник има за цел да ги објасни поимите и категориите на кривични дела и инциденти предизвикани од омраза што се споменуваат на овој портал, што ќе Ви помогне полесно да поднесете пријава доколку сметате дека сте жртва на дело или инцидент сторен од омраза. Доколку цените дека поимите не се соодветно објаснети и имате потешкотии во нивно разбирање Ве молиме да ни се обратите и да ни ги посочите поимите за кои сметате дека треба дополнително објаснување.

Што е криминал од омраза?

Криминалот мотивиран од нетолеранција, односно предрсауди кон одредена група во општеството се опишува како криминал од омраза.

Кој може да биде жртва на криминалот од омраза?

Секој може да биде жртва на криминалот од омраза, иако припадниците на ранливите заедници се најчестите жртви. Криминалот од омраза најчесто е насочен против припадници на различни етнички заедници, верски и свети објекти, како што се цркви, џамии и гробишта, Ромите, припадници на сексуални малцинства, внатрешно раселени лица.

Што е повреда на рамноправноста на граѓаните?

Повреда на рамноправноста на граѓаните претставува кривично дело кое предвидува дека оној што врз основа на полот, расата, бојата на кожата, анционалното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општественаат положба, јазикот или друго лично својство или околност ќе му одземе или ограничи права на човекот и граѓанинот, ќе се казни согласно закон.

Што претставува предизвикувањето на национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост?

Предизвикувањето на национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост претставува кривично дело според кое оној што со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, излагање на подбив на националните, етничките, верските и други симболи, со палење, уништување или на друг начин оштетување на знаме на Република Македонија или знамиња на други држави, со оштетување туѓи предмети, со сквернавење споменици, гробови или на друг дискриминаторен начин, непосредно или посредно, ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години.

Што претставува расната или друга дискриминација?

Дискриминацијата во својата суштина подразбира нееднаков третман кон човекот/луѓето поради определена негова/нивна карактеристика. Дискриминацијата претставува кривично дело и е забранета со Кривичниот законик, кој предвидува дека оној што врз основа на разлика на полот, расата, бојата на кожа, родот, припадноста на маргинализирана група, етничката припадност, јазикот, државјанството, социјалното потекло, религијата или верското уверување, други видови уверувања, образованието, политичката припадност, личниот или општествениот статус, менталната или телесната попреченост, возраста, семејната или брачната состојба, имотниот статус, здравствената состојба, или која било друга основа предвидено со закон или со ратификуван меѓународен договор, ги повредува основните човекови права и слободи признати од страна на меѓународната заедница, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

Што претставува ширењето на расистички или ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем?

Претставува кривично дело според кое оној што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години.