Што се случило: На 8 август 2022 година во центарот на Струмица, ЛГБТИ+ активист бил физички нападнат, каде тој бил со волонтер(к)и на јавен настан за промоција на нивната организација. Едно возрасно машко лице почнало директно да му се заканува и да му дофрлува навредливи зборови, по што се упатило и му нанело телесни повреди, а групата на волонтер(к)и од страв избегала од местото на нападот. Дополнително, жртвата извести дека полицијата не дошла итно по нападот, иако за настанот биле известени навреме и од нив било побарано обезбедување – кое не го добиле. Во полициската станица каде што подоцна се упатил, бил мета на дискриминација и навреда од страна на вработените.
Хелсиншкиот комитет за човекови права испрати барање до СВР Струмица и очекуваме проверка и санкции врз сторителот на делото, како и за третманот врз жртвата од страна на полицијата.
Кус опис на инцидентот со пристрасни индикатори: Во овој инцидент, пристрасниот мотив е сексуалната ориентација на жртвата, а пристрасните индикатори се:
- Сексуална ориентација – жртвата е со различна сексуална ориентација
- Модел на претходни инциденти – претходни напади кон лица од ЛГБТИ заедницата, а конкретно и претходни напади над жртвата поради неговата сексуална ориентација
Влијание врз жртвите и заедницата: Инциденти од ваков вид ја доведуваат во прашање општата безбедносна состојба во земјата, кохезијата помеѓу различните групи во општеството, а особено безбедноста и здравјето на ЛГБТИ луѓето. Дискриминацијата и двојната виктимизација што ја претпруваат ЛГТБТИ жртвите од страна на полициските службеници ги обесхрабрува да ги пријавуваат ваквите напади.