август 15, 2022

Злосторство од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет

Инцидент
Инциденти сторени заради сексуална определба и/или родов идентитет

Што се случило: Во мај 2022 година, до Хелсиншкиот комитет за човекови права со барање за бесплатна правна помош се обрати геј маж кој се идентификува како квир. Тој нè извести дека на 26 јуни 2021 година, веднаш по завршувањето на Скопје Прајд 2021, на улицата Мирослав Крлежа во Скопје, бил физички нападнат од три малолетни лица. Настанот веднаш го пријавил во најблиската полициска станица, а за нанесените телесни повреди има соодветен медицински извештај.

Речиси една година подоцна, на 05 мај 2022 година бил повикан во Основното јавно обвинителство Скопје да даде исказ во својство на оштетен за настанот што се случил на 26 јуни 2021. Претставник од Хелсиншкиот комитет го придружуваше до ОЈО Скопје, но поради тајноста на истрагата јавниот обвинител не дозволи присуство на Хелсиншкиот комитет.

Претставник од Хелсиншкиот комитет го мониторираше рочиштето закажано за 21 јуни 2022 година во Основниот кривичен суд Скопје, каде што жртвата требаше да се јави како оштетена страна, но судијата нè извести дека поради тоа што сторителите се малолетни лица ја исклучува јавноста. Претставникот на ХК реагираше на оваа околност, укажувајќи на член 92 став 3 од Законот за правда за децата, каде што е наведено дека судот може да дозволи на главниот претрес да присуствуваат и други лица кои се занимаваат со заштита и воспитување на деца, лица за заштита на правата на децата при народниот правобранител, лица блиски на детето, претставници на организации за заштита на правата на децата, како и научни работници. На тоа, судијата предложи одложување на рочиштето за јули 2022 година, со цел Хелсиншкиот комитет писмено да го образложи своето барање и да го достави до судот. Сепак, поради тоа што во интерес на жртвата беше подготвителната постапка да заврши во текот на истиот ден, претставникот на ХК ја напушти судницата.

Поради тоа што жртвата сè уште нема информации за кое кривично дело се теретат сторителите, а воедно и поради тоа што ќе биде надвор од државата, Хелсиншкиот комитет ангажираше адвокат кој врз основа на специјално полномошно ќе го побара записникот за одржаното рочиште на 21 јуни директно од Основниот кривичен суд.

Кус опис на инцидентот со пристрасни индикатори: Во овој инцидент, пристрасниот мотив е сексуалната ориентација и родовиот идентитет на жртвата, а пристрасните индикатори се:

  1. Сексуална ориентација и родов идентитет – жртвата е со различна сексуална ориентација и родов идентитет
  2. Време – веднаш по одржувањето на Парадата на гордоста

Влијание врз жртвите и заедницата: Инциденти од ваков вид ја доведуваат во прашање општата безбедносна состојба во земјата, кохезијата помеѓу различните групи во општеството, а особено безбедноста и здравјето на ЛГБТИ луѓето. Дополнително, одолговлекувањето на истражните постапки во јавното обвинителство за гонење на вакви дела и пропуштањето тие соодветно да се квалификуваат како злосторства од омраза, ги обесхрабрува жртвите да ги пријавуваат овие дела и ја намалува нивната правна сигурност.


Број на жртви
1
Број на сторители
3
Статус на случајот
Судски процес
Вид на инцидент? (можни се повеќе одговори)
Телесна повреда Насилство
Дали пријавивте во полиција?
Да
Како реагираше полицијата? (можни се повеќе одговори)
Тие го истражуваат инцидентот Тие го фатија сторителот
Дали на местото на настанот биле оставени цртежи, знаци, симболи или графити?
Да
Ако одговорот е да, опишете ги цртежите, знаците, симболите или графитите.
Како што нè извести жртвата, малолетните лица што го нападнале носеле маици со националистички обележја – знамето на Виргина.
Злосторство од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет image