Што се случило: Само неколку недели по случајот со претепаните Роми од страна на полициски службеници во Битола, граѓанската иницијатива АВАЈА сподели информации со јавноста за нов случај во Битола со индикации за полициска бруталност, но и со елементи на реваншизам од страна на полициските службеници. Според АВАЈА, овојпат полицијата употребила прекумерна сила врз повозрасна Ромка и нејзиниот син: „Синот на жената бил излезен на пауза од работа за да јаде и не носел маска во моментот поради тоа што јадел, но полицаецот му пристапил за да го легитимира заради тоа што не носел маска на отворено и да го казни (ИАКО МЕРКИТЕ СЕ УШТЕ НЕ СЕ УСВОЕНИ). Личната карта не била со него, па поради тоа неговата мајка рекла на полицаецот да ја земе нејзината лична карта. Полицаецот викнал засилување и синот бил приведен заедно со мајката бидејќи таа не сакала да го остави нејзиниот син сам. Откако се качиле во полициското комбе синот и жената биле НАСИЛНО ТЕПАНИ! Додека биле тепани полицаецот им викал „ѓуптини ајде сега снимајте, не ми можете ништо“! Повозрасната жена Ромка се наоѓа во загрижувачка животна состојба! Откако била претепана морала да интервенира и брзата помош! Жената болна од астма се нашла во состојба да не може да дише поради нападот!!! Жената е моментално под висок стрес и со загрозена здравствена состојба! Нејзиниот сопруг во текот на денот се обидел 3 пати да го пријави случајот во полициската станица, но немало кој да го прими. Во моментов сопругот на жената повторно ќе се обиде да го пријави случајот во полиција во Битола – очекуваме дека полицијата овој пат ќе го прими граѓанинот и ќе преземе соодветни дејствија!!! Воедно загрижувачка состојба е и тоа што имаме повторно обид за прекривање на случајот, со ненавремено постапување и општо непостапување од страна на другите полицајци што повикува на потреба од сериозни реформи во функционирањето на полицијата!’’-информираше Аваја. Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници, преку заеднички проект ангажираа адвокат за овој случај. Жената и нејзиниот син не се задржани во притвор и во моментов се чувствуваат добро, но полицијата уште долго одбиваше да прими пријава.
Кус опис на инцидентот со пристрасни индикатори: Во овој инцидент пристрасниот мотив е бојата на кожата, претпоставеното етничко потекло и јазикот, а пристрасните индикатори се:
- Јазик на зборување – жртвата и напаѓачот зборувале на различен јазик
- Боја на кожа – жртвата имала поинаква боја на кожа од напаѓачот заради што и била нападната
- Етничкото потекло – жртвата и напаѓачот биле од различна етничка заедница
- Локација – Битола е општина на повеќе етнички заедници и претходно се регистрирани ваков вид на инциденти, особено во кои жртви се лица припадници на ромската заедница
Влијание врз жртвите и заедницата: Инциденти од ваков вид ја доведуваат во прашање општата безбедносна состојба во земјата и соживотот помеѓу различните етнички и јазични групи во општеството и значително ја намалуваат довербата на граѓаните во полицијата. Со оглед на загрижувачките индиции, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи требаше целосно да го истражи овој случај и доколку се потврдеа наодите, инволвираните полициски службеници да бидат соодветно дисциплински казнети и доколку има основ, против истите да биде поведена кривична постапка. За жал, тоа не беше случај ниту во овој инцидент и постапката беше целосно водена од страна на жртвите, непосредните сведоци и граѓанските организации.