Што се случило: Пратеникот од СДСМ Мухамед Зекири бил физички нападнат од страна на десетина лица во угостителскиот објект „Дион“ на ул. „Кеј 13-ти Ноември“. Според неговите кажувања, тој и неговите пријатели имале резервирана маса во објектот. Во еден момент им пришло лицето Н.М., лице вработено како телохранител на С.М., поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, кое седело на друга маса со десетина непознати лица и побарало да го напуштат објектот затоа што во моментот имало приватна забава. Откако не излегле веднаш, Н.М. ја превртел масата, а останатите од неговото друштво насилно, со употреба на физичка сила, ги истуркале пред објектот. Како што пријавил М.З., едно од лицата со службена легитимација се легитимирало дека е полициски службеник и побарал и тој да се идентификува. Во моментот кога го вадел паричникот, одзади од непознато лице бил удрен во пределот на тилот и главата со неколку удари со рака. Во дневниот билтен на МВР е наведено дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Датум, време и место на инцидентот: 18 февруари, околу 00:30 часот, во угостителски објект на ул. „Кеј 13-ти Ноември“, Скопје.
Извор на информации: Дневен билтен на Министерство за внатрешни работи; Електронски медиум ТВ 21; електронски медиум Слободен Печат.
Инволвирани жртви: Едно лице.
Вид на злосторства: Телесна повреда (Член 130, КЗ), Насилство (Член 386, КЗ)
Сторители: Група од десетина сторители.
Кус опис на инцидентот со пристрасни индикатори: Во овој инцидент, пристрасниот мотив е политичка припадност или политичко уверување, а пристрасните индикатори се:
1. Перцепција на жртвата – според изјава дадена за медиумите, жртвата гледа на инцидентот како пристрасно мотивиран;
Статус на случајот:Непознат.
Одговор на локалните власти: Во одговорот добиен од страна на МВР по Барањето за информации од јавен карактер испратено од страна на МХК во врска со овој инцидент, се наведува дека по укажаната лекарска помош на оштетениот, од страна на полициските службеници од СВР Скопје тој бил упатен да поднесе Записник за примање на пријава во полициската станица „Центар“ што тој тоа и го сторил по однос на извршено кривично дело „Насилство“ согласно член 386 од КЗ. Воедно, со цел утврдување на фактичката состојба и расчистување на настанот бил извршен разговор со Д.Б. (вработен како менаџер на смена во локалот), а во врска со настанот бил известен и јавен обвинител кој дал насоки да се постапува согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Согласно член 282 од ЗКП од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО Скопје било доставено Писмено известување бр.28.11.2/02-85 од 20.02.2017 година, по што постапувајќи по ова известување и по барањата доставени до ОЈО Скопје, а во насока на расчистување на настанот биле преземени дополнителни мерки и активности, а на разговор биле повикани уште три лица. Истовремено, била обезбедена целокупната лекарска документација од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, како и од ДТУУД „Стеник Дион“ ДООЕЛ Скопје задолжено за видео надзорот поставен во и пред просториите на угостителскиот објект. За преземените мерки од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО Скопје биле доставени две известувања (бр.28.11.2-373 од 22.02.2017 и бр.28.11.2-393 од 24.02.2017 г.).
Влијание врз жртвите и заедницата: Овој инцидент има негативни финансиски импликации за политичката партија и предизвикува безбедносна загриженост во заедниците во кои таа делува.