Јусуф Ислами (18) бил брутално нападнат и претепан во скопската населба Лисиче во петокот вечерта, пишува порталот Алмакос.
Ислами бил излезен со своите пријатели и откако се разделиле, сам се упатил кон својот дом, но бил пресретнат од поголема група напаѓачи кои го прашале за неговата националност. Откако им одговорил дека е етнички Албанец веднаш бил нападнат. Првин бил удрен со бејзбол палка, од што паднал на земја и се онесвестил.
Групата продолжила да го тепа онесвестеното момче се додека случаен минувач го забележал настанот и повикал полиција и Брза помош. Јусуф бил однесен во Клиничкиот центар каде му биле констатирани бројни повреди и му била укажана лекарска помош.
Полицијата останала без коментар за овој настан иако редакцијата на Алмакос се обидувала цел ден да добие информација дали се пронајдени напаѓачите.
29 јули 2013
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Иво Котевски за Либертас изјави дека МВР интензивно трага по тепачите на Јусуф Османи (18).
-Штом дознаеме нешто, јавноста ќе биде информирана – изјави Котевски.
30 јули 2013
Министерството за внатрешни работи го расчисти случајот во врска со пријавено кривично дело тешка телесна повреда извршено врз Јусуф Ислами (1995) од Скопје, кој беше претепан. За претепувањето на момчето во неделата јави порталот „Алмакос“.
Имено, додека Ислами седел со пет пријатели, меѓу кои имало и девојчиња, во два наврата бил испрашуван каде живее, при што одговорил дека живее на локации од подрачјето на општината Аеродром, па дури потоа кажал дека живее во населбата Чаир.
По извесно време на местото каде што се наоѓал, според неговиот исказ во полиција, се собрале повеќе машки лица кои почнале да го напаѓаат него и другите лица кои биле со него, поради што неговите другари се разбегале, а пријавителот од ударите се онесвестил.
Полицијата утврдила дека на Ислами и на петтемина кои го придружувале, им пришол малолетниот Б. Л. (14), кој ги прашувал од каде се и откако утврдил, заминал, по што телефонски контактирал со А. М. (16) и повикале уште петмина врсници, по што заедно тргнале да го бараат Ислами и неговите другари.
Новоформираната група била забележана од Ислами, по што трите девојчиња се оддалечиле, додека Ислами и неговиот другар биле удирани од групата малолетници-напаѓачи. Ислами се здобил со повеќе удари од целата група додека неговиот другар добил еден или два удари.
Од страна на итна медицинска помош Ислами бил пренесен во Ургентниот центар – Скопје, каде што му е констатирана тешка телесна повреда во вид на скршеница на долната вилица и набиеници на главата.
Од полицијата информираат дека по консултациите што следат со Јавното обвинителство ќе биде дефинирано кривичното дело, а по прибирањето на целокупниот работен материјал против напаѓачите ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.