Што се случило: Во септември, нè контактираше активист од ЛГБТИ заедницата, којшто наведе дека е исплашен за својата сигурност и безбедност и бара заштита, откако бил физички нападнат за време на протест во август, поради неговата сексуална ориентација. Нападот бил соодветно пријавен, а на 21 септември бил повикан во Полициската станица Пролет на соочување и препознавање на сторителот во присуство на неколку инспектори и обвинителка. По идентификување на сторителот, активистот наведе дека е многу вознемирен и се плаши за неговата безбедност и сигурност поради сознанијата што ги има за напаѓачот. Нè извести дека се работи за профил на личност која јавно промовира анти-ЛГБТИ и анти-феминистички ставови и е следбеник на верски екстремизам. Активистот стравува дека неговото препознавање на сторителот повлекува голема опасност за него.
Поради ова, Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати до Полициска станица Центар и побара заштита за активистот кој веќе подолго време е мета на напади поради тоа што е дел од ЛГБТИ заедницата, а истовремено, напаѓачот е лице кое е јавно против ЛГБТИ заедницата.
Кус опис на инцидентот со пристрасни индикатори: Во овој инцидент пристрасниот мотив е сексуалната ориентација на жртвата, а пристрасните индикатори се:
- Сексуална ориентација – жртвата е со различна сексуална ориентација
- Модел на претходни инциденти – претходни напади кон лица од ЛГБТИ заедницата, а конкретно и претходни напади над жртвата поради неговата сексуална ориентација
Влијание врз жртвите и заедницата: Инциденти од ваков вид ја доведуваат во прашање општата безбедносна состојба во земјата, кохезијата помеѓу различните групи во општеството, а особено безбедноста и здравјето на ЛГБТИ луѓето.