Што се случило: На 24.09.2020 година на социјалните медиуми беше објавено видео на кое јасно се гледа како во Битола полициски службеници тепаат лица, припадници на ромската заедница. Настанот се случил на 22 септември 2020 година, кога тројца Роми со автомобил направиле сообраќајна несреќа и удриле во бетонски ѕид. Во непосредна близина на сообраќајката имало сообраќајна полиција, која без никаква причина ги извадила лицата од автомобилот и започнала брутално да ги тепа, без притоа да прашаат дали им е потребна медицинска помош. Во полициската станица биле задржани до 5 часот наутро, навредувани и вознемирувани со различни погрдни изрази поврзани со нивниот етнички идентитет, јазик и боја на кожа. Лицата сакале случајот да го пријават во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, но биле одбиени.
Кус опис на инцидентот со пристрасни индикатори: Во овој инцидент пристрасниот мотив е бојата на кожата, претпоставеното етничко потекло и јазикот, а пристрасните индикатори се:
- Јазик на зборување – жртвата и напаѓачот зборувале на различен јазик
- Боја на кожа – жртвата имала поинаква боја на кожа од напаѓачот заради што и била нападната
- Етничкото потекло – жртвата и напаѓачот биле од различна етничка заедница
- Локација – Битола е општина на повеќе етнички заедници и претходно се регистрирани ваков вид на инциденти, особено во кои жртви се лица припадници на ромската заедница
Влијание врз жртвите и заедницата: Инциденти од ваков вид ја доведуваат во прашање општата безбедносна состојба во земјата и соживотот помеѓу различните етнички и јазични групи во општеството и значително ја намалуваат довербата на граѓаните во полицијата